ЗЕЛС ги обучува општините за РПЦ

РПЦ за општинската администрација во РМ
 
Со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка, Заедницата на локалната самоуправа на РМ (ЗЕЛС), во наредниве месеци, спроведува обуки за РПЦ наменети за јакнење на администрацијата во сите 124 општини 

„Ова е една од серијата од 10 обуки за работа со проектен циклус (РПЦ) што треба да се одржат во наредниве месеци. До одлуката да организираме ваков тип обуки за потребите на администрацијата во локалната самоуправа, односно по двајца од секоја општина, не дојдовме случајно. Во спроведените анкети меѓу вработените во општините скоро насекаде ни одговорија дека вакви обуки требало да се организираат од многу порано, од пред 7-8 години“, ни кажа Душица Перишиќ, извршна директорка на Заедницата на локалната самоуправа на РМ (ЗЕЛС), на дводневната обуката, од 19 до 20 февруари, во х. Континентал во Скопје. На оваа обука учествуваа претставници на 12 општини од РМ.

„Проектот за овие обуки всушност беше изготвен уште пред две години, а еве, сега конечно го реализираме, со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ (Swiss Agency for Development and Cooperation – SDC). Десетте обуки ги имаме поделено во десет центри покривајќи ги сите општини во државата. Со неа ќе се опфатат околу 250 административни работници од општините. За спроведување на обуката, по објавувањето на тендерот, по најповолната понуда, го задолживме Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), додаде извршната директорка на ЗЕЛС.

Една од учесничките на обуката во Скопје, Силвана Толеска, раководителка на стручната служба на општината Македонски Брод, во врска со обуката ни рече: „Ова требаше да се организира многу порано, пред неколку години, кога имавме големи потреби за изготвување проекти. Но, добро е и сега што конечно и теоретски ќе го совладаме делот за РПЦ. Зашто, да ви кажам, мојата општина е доста активна во изработката на проекти. Од пракса, се научивме да изготвуваме проекти. Кога ќе не одбиеја по некоја апликација, ние ќе го поправевме тоа што не беше добро во неа, во проектот. Така, полека почнавме да учиме како се работи на изготвување проекти“.

Како што ни кажа Силвана, нејзината општина е горда што има одлична соработка со австриската влада, којашто им излегла во пресрет на неколку проекти. Како еден од поголемите, таа го спомна проектот со кој успеале, со австриската помош, да изградат пречистителна станица за отпадните води во градот, којашто беспрекорно функционира.

На обуката за РПЦ во Скопје обучувачи беа Валентина Чичева и Миодраг Колиќ од МЦМС.

Д. Медароски