6 НВО САЕМ
РАЗЛИЧНИ, А ЕДНАКВИ
Шестиот по ред НВО Саем - Форум на граѓанското општество се одржува денес и утре (16 и 17 ноември 2007 година) на Скопскиот саем во халите 2 и 3. Носечката тема на Саемот е „Еднакви можности за сите“, а фокус земја Бугарија.

Во изложбениот дел ќе се претстават 128 организации на граѓанското општество и другите сектори, а ќе се одржат и над 20 форумски расправи. Програмата на форумскиот дел и прелиминарниот распоред на организациите-учеснички во изложбениот дел може да се најдат на: www.nvosaem.org.mk или www.gragjanskisvet.org.mk.
НВО Саемот - Форум на граѓанското општество во Македонија за прв пат се организираше во 2001 година. Првите две години, оваа најголема манифестација на граѓанското општество во Македонија се одржуваше во хотелот Александар палас. Од 2003 година, НВО Саемот се организира на Скопски саем.
На претходните пет манифестации учествуваа вкупно 1.030 организации, беа организирани 243 форумски настани, а Саемот го посетија 37.931 граѓани.
НВО Саемот им овозможува на граѓанските организации да ги покажат своите достигнувања, да разговараат за сегашните и идните приоритети на организирањето, да разменуваат искуства, да се координираат и комуницираат меѓусебно. Во двата дена, додека трае НВО Саемот, сe е подредено на работата на граѓанските организации, на нивните потреби, забелешки, идеи, планови...
Така е и оваа година, и на овој шести по ред НВО Саем - Форум на граѓанското општество. Затоа дојдете и посетете го Саемот. Погледнете ги постигнувањата на организациите на нивните штандови во изложбениот дел или бидете дел од некој од форумските настани.
|
|