ФИИОМ и Светската банка

Доделени грантови на седум НВО

Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Канцеларијата на Светската банка, на 19 октомври, во Скопје, им доделија 32.300 долари на седум невладини организации за проекти што се однесуваат на социјалната исклученост на младите во Македонија.

Како што се наведува во соопштението на Светска банка, во Клубот на пратениците извршниот директор на ФИООМ, Владимир Милчин, и в.д. директорот на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Евгениј Најдов, потпишаа грант-договори со претставниците на седумте организации.

Грантови добија НВО „ЕРА” од Гостивар, која ќе отвори ресурсен центар за вработување на млади и ќе го промовира неформалното образование, Младинскиот центар за акција и различност од Струмица, ќе промовира активности кај лицата со посебни потреби и ќе лобира кај надлежните за нивното поголемо вклучување во заедницата, Здружението на инвалидите „Шпреса” од Скопје, ќе организира театарска претстава што ќе говори и на своевиден начин ќе лобира за интеграцијата на децата со посебни потреби во училиштата, „Примус” од Скопје, која ќе работи на поставување рампа во Младинскиот културен центар за пристап на лицата со колички и ќе организира забава за млади.

Црвениот крст на град Скопје ќе изработи прирачник за бон-тон кон хендикепирани лица и ќе организира обуки за пристап кон хендикепот и негување култура кон него, „Рекански бисер” од Ростуше ќе спроведе кампања за подигање на свеста кај младите, особено кај девојките од Маврово и Ростуше за важноста на образованието, а НВО „Блу скај” од Скопје ќе организира едукација на своите членови за проблемите на социјално исклучените млади, особено на младите со хендикеп, се вели во соопштението.

ФИООМ и Светската банка, промовирајќи го принципот „млади-за-млади”, со овој заеднички проект имаат цел подигнување на свеста и визуелизација на социјалната исклученост на младите, дефинирање на рамките, на заинтересираните страни, како и поддршка на активно учество на младите во донесувањето промени во процесот на намалувањето на исклученоста, стои во соопштението на Светска банка. 

МИА