ПРОГРАМА ЖИВО НАСЛЕДСТВО

Иновативен пристап кон локалниот развој

Програмата “Живо наследство” инвестира не само во наследството, туку, пред с$, во луѓето. На луѓето им помогна да се свртат околу себе, да работат заедно и решението на своите проблеми да го побараат во она со што располагаат – автентичното наследство на нивната заедница, човечкиот капитал и другите ресурси

“Два месеца, единственото нешто на што помислував кога ќе се разбудев беше водопадот и што ќе работам тој ден”; “Ова воведе нов начин на размислување во нашата заедница”; “Ги увидовме сопствените недостатоци за она што треба да се направи за да се планира пореално”; “Не знаев дека водопадот е толку важен за селото. Ова требаше да го направиме пред 20 години”; “На други проекти сме трошеле седум пати по­ве­ќе време, а притоа не сме постигнале ниту дел од влијанието”... Ова се само дел од размислувањата на луѓето кои во Македонија работеа на некои од проектите под­др­жани преку програмата “Живо наследство” на Фондацијата Крал Бодуен од Белгија и на Фондацијата Институт отворено општество – Ма­ке­донија.

Жителите на околу 35 локални заедници – села и помали градови во Македонија, во текот на петте години од спроведувањето на оваа програма станаа дел од “братството” што негува посебен, иновативен пристап кон наследството. Поттикнати од филозофијата на програмата “Живо наследство”, тие наследството поч­наа да го посматраат ка­ко ресурс за одржлив развој на нивните заедници, но истовремено и на­у­чи­ја како да го почитуваат по­ве­ќе. Сфатија дека тоа може да има повеќекратна улога: да обезбеди еко­номски просперитет, да прив­ле­че туристи и посетители, да ги подобри меѓучовечките односи во за­­­едницата, да афирмира и да обедини, да ја зајакне локалната демократија, да создаде и човечки, и економски, и општествен капитал, да го дефинира подобро идентитетот на заедницата, да ги подигне на повисоко ниво етичките вредности, да ја намали миграцијата и многу други нешта. Она по што се разликува оваа програма од другите се неколку нешта. Едно од нив е работата на терен, во директен контакт со локалните луѓе.

Програмата “Живо наследство” инвестира не само во наследството, туку, пред с$, во луѓето. Оние кои никогаш не се соочиле со предизвикот да работат на проект, научија како да го прават тоа. Беа обучени да спроведат проектен циклус, како да прибираат средства и да им пристапат на донаторите, ка­ко да работат во мрежа и на мар­кетингот на сво­јата заедница. Програмата го поттикна волонтерството и на луѓето им помогна да се свртат околу себе, да работат заедно и решението на своите проблеми да го побараат во она со што располагаат – автентичното наследство на нивната заедница, човечкиот капитал и другите ресурси.

Програмата, со истиот пристап и принципи, се спроведува во уште три држави од регионот. По Македонија, каде започна и каде на некој начин беше тестирана, таа се спроведе во Босна и Херцеговина, во Бугарија и во Романија. Искуствата што ги стекнаа четирите држави беа презентирани на меѓународната конференција “Живо наследство: учејќи од иновативните практики во културата и локалниот развој во Југоисточна Европа”, што се одржа од 13 до 15 октомври 2005 година, во Скопје. На оваа конференција се претставени лекциите коишто се научија од работата на околу 140 локални проекти во овие држави. Но, интересно беше да се слушнат и сличните иницијативи што се спроведуваат и во други европски држави – Србија и Црна Гора, Полска, Турција, Франција, Холандија... На конференцијата беше промовирана и книгата “Живо наследство”, напишана од Франсоа Матарасо, консултант од Велика Британија, човек кој многу придонесе во поставувањето на филозофијата на програмата, за нејзиниот развој и можеби пред с$, дефинирањето на принципите врз коишто се заснова таа. Во неа се опишани развојот на програмата во регионот, како и ефектите и влијанијата коишто ги постигна таа. 

(За повеќе информации за оваа програма: www.zivonasledstvo.org.mk и  www.living-heritage.org).
 

М. Иванова